МЕЃУНАРОДЕН ПРОЕКТ ВО СЛОВАЧКА ЗАВРШИ СО МАКЕДОНСКА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА КНИГИ, АЈВАР И ПОЛНЕТИ ПИПЕРКИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Средношколки од Штип учествуваа на еднонеделниот меѓународен проект „Не судете ја книгата по корицата“ во Словачка, каде имало и нивни врсници од Шпанија, Италија, Турција, Грција и од Словачка. Групата од Македонија во состав Ана Данаилова, Катерина Мојсова, Стефани Нацева, Тамара Вуканова и Лидија Ангелова на завршницата на проектот презентирала и книги за Македонија и македонски специјалитети, ајвар и полнети пиперки. По дегустацијата и за севкупната презентација тие добиле признанија и аплуаз од сите учесници во проектот.

Меѓународниот форум и целата обука биле во организација на Центарот за интеркултурно образование од Будимпешта, а домаќин бил малото мултиетничко гратче Штурово во Словачка на самата граница со Унгарија. Kоорганизатор е меѓународната невладина и непрофитна организација НЕЦИ – Мрежа за европски граѓани и идентитет, која работи со млади луѓе насочени кон намалување на дискриминацијата и маргинализацијата.

„Организираме семинари, работилници, студиски посети, информираме за отворени работни места, волонтирање, размена на млади и други активности, со цел создавање квалитетна група, тим на граѓани на Европа од различно културно потекло, а за еднакви и пристојни можности за доживотно учење, развој на компетенции, правда, здравје и уживање во здрава животна средина. Оваа година млади претставници од Македонија учествуваа на вакви меѓународни проекти во Португалија, Кипар, Шпанија, Словенија, Турција, Србија и Бугарија“, вели Викторија Кукушев, основач на организација НЕЦИ за Македонија, со седиште во Штип.

Т. ЈОВАНОВСКИ

Фото: Македонската група беше во состав на Ана Данаилова, Катерина Мојсова, Стефани Нацева, Тамара Вуканова и Лидија Ангелова, сите од Штип (СМАРТ СДК.МК)