СРЕЌЕН СУМ КОГА ГЛЕДАМ КАКО СЕ РАЗВИ АКТЕРСКАТА ПРОФЕСИЈА, КАЖА ХАРИСОН ФОРД, ПРИМАЈЌИ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Холивудската легенда Харисон Форд доби награда за животно остварување на синоќешното доделување на наградите од филмските критичари во Холивуд и со емотивен говор им се заблагодари на семејството и соработниците.

„Навистина сум среќен што сум овде вечерва за да видам во што се претвора нашата професија. Да ги видам сите талентирани луѓе кои добиваат можности кои веројатно не би постоеле во раните години од мојата кариера. Благодарен сум на сите добри актери, гледам многумина од нив овде вечерва, со кои работев и длабоко сум среќен што ги имав можностите што ги имав“, кажа 81-годишниот актер.

Форд додаде се чувствува премногу среќен за честа што му е укажана и ѝ се заблагодари на неговата сопруга, актерката Калиста Флокхарт, со која е во брак од 2010.
„Таа ме поддржува кога најмногу ми треба поддршка, а мене навистина ми треба многу поддршка“, рече тој.

(Фото: Гети)