Кинеските власти побараа остра казна за човекот кој украл палец од теракотен војник, вредна статуа што е изложена во САД.
Две илјади години старата скулптура, проценета на 4,5 милиони долари, е една од десетте што Кина му ги позајми на институтот „Френклин“ во Филаделфија. Теракотната армија е едно од најзначајните и највредни археолошки откритија во Кина.
Минатата недела, 24-годишниот Мајкл Рохана беше обвинет за грабеж и за оштетување на вредно уметничко дело, за потоа да биде ослободен со кауција.
Според судските документи, тој присуствувал на предбожиќната забава на институтот на 21 декември, кога влегол во затворениот дел, каде што биле сместени статуите. Тој прво направил селфи, а потоа скршил еден палец, го ставил во џеб и си заминал. Музејот ја забележал штетата на 8 јануари, по што ФБИ се вклучил во истрагата.
„Бараме од САД остро да го казни сторителот. Вложивме сериозен протест на ова. Институтот беше премногу невнимателен кон статуите“, изјави Ву Хаијун од Центарот за промоција на културното наследство на Шанџи.