Ватикан ќе му позајми околу 40 дела на музејот „Метрополитен“ во Њујорк за изложба посветена на влијанието на католичката религија врз модата, објавија организаторите.
Ќе бидат изложени предмети како прстени и круни, што ги носеле папите во 18. и 19. век, како и скапоцени предмети од Сикстинската капела, кои јавноста не ги видела досега.
Изложбата „Рајски тела: мода и католичка имагинација“ ќе содржи предмети кои опфаќаат период од повеќе од 15 папства.
Ендрју Болтон од Институтот за костими на Мет вели дека модата и религијата секогаш се инспирирани и влијаат една на друга.
Дизајнерката Донатела Версаче и уредничката на „Вог“, Ана Винтур, присуствуваа на презентацијата на изложбата во Рим, како и кардиналот Џанфранко Раваси, министер за култура на Ватикан.
Изложбата во Мет ќе биде отворена од 10 мај до 8 октомври.