СРЕЌНА СУМ ШТО СНИМИВ ПРОВОКАТИВНА ПЕСНА ЗА ОНИЕ КОИ КОМЕНТИРААТ ОД СКРИЕНИ ПРОФИЛИ, ВЕЛИ ЕЛЕНА РИСТЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Елена Ристеска привлече внимание и коментари во јавноста со новата песна „Ме боли за сѐ“, што ја сними по подолга музичка пауза, а ја испеа на Макфест во Штип на 25 октомври. Поп-пејачката вели дека песната е провокативна и со интересна приказна.

„‘Ме боли за сѐ’ е наменета за сите кои седат на социјалните мрежи зад скриени профили и коментираат сѐ и сешто. Баш тие и ги погоди песнава уште неслушната цела и многу сум среќна што паднаa на провокација. Мене тоа ми носи повеќе настапи, работа и, секако, пари. Но, мене ништо повеќе не ме допира, кога сме на таа тема, како што велам во песната. Србизмите во песната се намерни за подобро да се доловат скопскиот сленг и секојдневниот речник на помладата публика. Во музиката сѐ е дозволено, уметникот има целосна слобода да пишува за што сака и на кој начин сака“, вели Ристеска.

Александар Масевски е продуцент на песната, тој е автор на музиката, го направи аранжманот, а текстот го напиша заедно со Ристеска.

„Ме воодушеви со посветеноста со која работеше на песната. Очекувајте една убава модерна балада од нас, а наскоро и српска верзија на ‘Ме боли за сѐ’ за балканските фанови. Бојан Делиќ ни помогна во коригирањето на српскиот текст“, вели Ристеска.

Пејачката додава дека по долги години повторно соработуваше со режисерот Даниел Јовески и „Сустеин продукција“. Во видеоспотот, кој наскоро ќе излезе, глуми актерот Игор Стојчевски.

„Да не беа моите фанови, кои нетрпеливо ги чекаа со години моите песни, немаше да се посветам на нова музика“, вели Ристеска.

М. ЏАРОВСКА