„РИНГТОНС“ ОДРЖА ПОЛН СЛАВЕНИЧКИ КОНЦЕРТ И СИТЕ ПАРИ ГИ ДОНИРАШЕ ЗА МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ ЗА ОСНОВЦИ ОД ШУТО ОРИЗАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На прославата на десеттиот роденден, скопскиот бенд „Рингтонс“ го наполни клубот „Станица 26“, а парите од продадените билети ќе ги донира за купување музички инструменти за ООУ „Браќа Рамиз-Хамид” во Шуто Оризари.

Гостинка на концертот беше Лидија Кочовска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Иако млади музичари, тие се популарни и впечатливи по тоа што ја негуваат македонската поп музика, свирејќи хитови од 1990-тите и 2000-тите, а пеат и македонски шлагери и светски хитови, што беше повод да одржат весел и полн славенички концерт. Една од пејачките чии песни им се на репертоарот е Лидија Кочовска, која беше гостинка на концертот. Заедно со пејачката на „Рингтонс“, Дина Јовановска, ги испеа своите хитови „Ти си тој“, и „Доволно луд“. Кочовска пред настапот кажа дека ѝ се омилен бенд.

Дел од гостите беше и Пере од „Нокаут“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Младиот бенд го поддржа и Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, чии песни исто така редовно свират, а публиката ја развесели и настапот на „Дупер“. Специјално од Холандија дојде Верица Пандиловска, која таму живее четири години. Пандиловска рече дека ѝ е многу мило што „Рингтонс“ ги пее нејзините песни и не можела да ја одбие поканата и ја потсети публиката на нејзиниот голем хит „Кучкин син“.

Од Холандија дојде Верица Пандиловска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Пред „Рингтонс“ настапија „БХР бенд“ и диџеј Славе, а настанот го најави водителката Јана Серафимова, која има завршено Музичка академија. Во бендот, Симон Пеоски е вокал и гитара, Неврус Бајрам свири гитара и пее придружни вокали, Дарко Фотиновски е на бас гитара, а Кристијан Лафазановски на тапани.

М. ЏАРОВСКА