„Со воодушевување сакам да ви кажам дека на 14 март за првпат ќе пеам во вашата прекрасна земја, во арената ‘Борис Трајковски’ во Скопје“, вели во видеопорака легендарниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго.
Концертот е од 21 часот, објави продукцијата „Прагма“, која го организира концертот во копродукција со Националната опера и балет (НОБ). На концертот во Скопје ќе настапи и италијанската сопранистка Марија Жосе Сири, а ќе диригира Жорди Бернасер од Шпанија.
„Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции: радост, смеа и, се надевам, моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со македонската публика и да ја споделиме оваа прекрасна вечер. Едвај чекам да ве видам таму“, рече Доминго во пораката која ја објавија организаторите.
Хозе Пласидо Доминго Ембил е шпански оперски пејач и диригент со преку 150 оперски улоги на италијански, француски, германски, шпански, англиски и руски јазик во најпрестижните оперски куќи во светот. Го нарекуваат најпознатиот Отело на неговата генерација, има освоено 12 Греми награди, основач е и претседател на меѓународниот натпревар за пеење „Опералија“ и е активно вклучен во откривањето млади оперски таленти. Многумина актуелни оперски ѕвезди, како Ервин Шрот и Роландо Вилазон, кариерата ја почнале токму како победници на „Опералија“.
Во 2017, Доминго дојде во Скопје на 24 часа за да го гледа Реал Мадрид како го освојува Суперкупот на УЕФА и беше гостин на блискиот другар Аки Нуредини во неговиот дом во тетовското село Камењане. Нуредини, чиј прочуен ресторан во Виена е неформално сврталиште на оперски ѕвезди, а самиот е оперски импресарио, го врзува повеќегодишно пријателство со Доминго.
Доминго е почесен член на Реал Мадрид, ја испеал и химната на клубот. Вели дека не пропушта натпревар на Реал, главно ги гледа на телевизија, а четири-пет пати годишно успева да оди и на стадион.
М. ЏАРОВСКА
Фото: СДК.МК