Новиот филм на двојниот оскаровец, иранскиот режисер Асгар Фархади, „Сите знаат“ со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем во главните улоги, ќе го отвори Канскиот филмски фестивал на 9 мај.
Фестивалот објави дека психолошкиот трилер, снимен на шпански јазик, исто така ќе се натпреварува за Златната палма, што е првпат по шест години, филмот од отворањето да биде во официјалната конкуренција.
Фархади (45) е еден од најпознатите режисери во Иран, кој се проби во 2011 година, кога освои Оскар и Златна мечка на Берлинале со неговиот филм „Разделба“.
Досега нема добиено Златна палма, иако два негови филма, „Минатото“ (2013) и „Трговец“ (2016), ги добија наградите за најдобри сценарио, актер и актерка. „Трговец“ има и Оскар за најдобар странски филм.
„Сите знааат“, во кој игра и аргентинската ѕвезда Рикардо Дарин, ја раскажува приказната за жена (Круз), која се враќа од Буенос Аирес во своето родно село во Шпанија со нејзините сопруг и деца.
Круз и Бардем се златна двојка на шпанската кинематографија и често снимаат заедно.