СТОЈАМ ВО ЧЕСТ НА ЖРТВИТЕ ОД КОЧАНИ И НОВИ САД, КАКО ШТО БАЛАШЕВИЌ НЀ УЧЕШЕ, РЕЧЕ АВТОРОТ ИВАН ИВАЧКОВИЌ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА „ПАНОНСКИ АДМИРАЛ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичкиот новинар и критичар Иван Ивачковиќ од Белград се расплака на промоцијата на неговата книга „Панонски адмирал“ посветена на Ѓорѓе Балашевиќ во „Литератира.мк“ во Скопје.

Книгата е професионална биографија за кантавторот од Нови Сад кој почина од ковид на 19 февруари во 2021. Ивачковиќ кажа дека по 30-годишното пријателство со Балашевиќ, откако починал, тој немал сила да заврши книгата која веќе почнал да ја пишува.

„Потоа ми се јави пејачката Биља Крстиќ, и уште многу музичари и пријатели и ми рекоа дека морам да ја за завршам. Да не беа тие, можеби ќе останеше на половина“, рече Ивачковиќ. На почетокот од промоцијата, тој ги поздрави гостите стоејќи.

„Сакам да станам за да му оддадам почит на Балашевиќ, да им оддадам почит на сите кои загинаа во трагичниот пожар во Кочани. Стојам во нивна чест и во чест на Ѓоле кој сите нѐ научи како се сака.Тој беше поет кој сите нас нѐ воспитуваше со својата борба за љубов, толеранција и солидарност меѓу луѓето. Во Србија, на Железничката станица во Нови Сад ни се случи трагедија пред пет месеци, во Македонија се случи трагедија пред три недели. И по кој знае кој пат во нашата заедничка историја покажавме солидарност и емпатија, она на што Балашевиќ нѐ учеше“, кажа авторот.

Како долгогодишен музички критичар, Ивачковиќ рече дека уште кога првпат го слушнал Влатко Стефановски, го маѓепсал со неговата емоција и способност. Кнгата за Балашевиќ, српските издавачи ја нарекоа емоционален водич низ неговата дискографија.

Македонската верзија е во издание на „Арс Ламина“. Промоцијата се одржа во рамките на фестивалот за литература и општа култура, „Видик“ кој трае до 16 април.

М. ЏАРОВСКА