АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА И „МИТАН ПРОЕКТ“ ЈА РАЗНЕЖИЈА ПУБЛИКАТА ВО ОХРИД НА КОНЦЕРТОТ СО МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Најубавите македонски народни песни, ги испеа Андријана Јаневска со „Митан проект“, сношти (7 јули) на летната сцена „Долни Сарај“ во Охрид, во рамките на на Етно фестивал- Охрид и Балкански фестивал на народни песни и игри.

Андријана Јаневска е повеќестрана успешна музичарка и професор, но една од работите во која кај публиката е омилена се народните песни, ги пее како за неа да се напишани. Репертоарот на концертот беше составен од најпопуларните и најслушаните народни песни, а нежниот и чист вокал на Андријана секогаш дава нова возбуда и уживање додека ги слушате, особено на сцената на „Долни Сарај“, со поглед на езеро. Познати се албумите „Македонски рози“ и „Приказна за едно моме“, кои ги продуцираше Мите Димовски. Првиот албум „Македонски рози“ е издаден во 2008, и во државите на поранешна Југославија е продаден во над 300.000 промероци.

Со искусни музичари во студиото и на сцената, „Митан проект“ функционира речиси 20 години. Дамир Имери на клавијатури, Илија Филиповски на виолина, Благојче Трајковски на кларинет, Александар Јовевски на кавал и тамбура, Мите Димовски и Андријана Јаневска добија големи аплаузи за новите верзии на „Битола, мој роден крај“, „Ој Вардаре“, „Сношти поминав“, „Си заљубив едно моме“ во сосема нова верзија на бис, и многу други.

Андријана Јаневска заедно со Илија Филиповски ја отсвире „Билјана платно белеше“ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Сега е време за една охридска песна“, рече Андријана Јаневска и заедно со виолинистот Илија Филиповски, ја отсвире „Билјана платно белеше“. Во „Ој ти момче охриѓанче“, публиката најмногу пееше со неа, како и во „Македонско девојче“.

Андријана Јаневска е виолинистка во Операта и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Лани на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше промовирана во докторка на науки. Таа пред 11 години почнала да собира народни песни одејќи низ селата во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Јаневска има и свое музичко училиште.

М. ЏАРОВСКА