Режисерот Срѓан Јаниќијевиќ вечерва (20 часот) има премиера во Македонскиот народен театар (МНТ) на претставата „Дух“, работена по текстот на Дејан Дуковски.
„Дух“ е трета соработка на Јаниќијевиќ и Дуковски, по „Дракула“ во 2008 и „Силјан Штркот шанца“ во 2016 година.
Праизведбата на „Дух“ беше во 2015 во Српско народно позориште во Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а во 2016 беше поставена и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ.
„Секој човек кој ќе дојде да ја гледа оваа претстава ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој живееме – сите чувствуваме една суштинска неправда и не гледаме излез наскоро. Овој текст на Дуковски е поразличен од сѐ што напишал досега, а, можеби, и еден од најдобрите“, вели Јаниќијевиќ.
Главниот лик Александар Мара или Духот го игра Гораст Цветковски, а во поделбата се и Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.
Сценографијата е на уметникот Велимир Жерновски, костимите на модната дизајнерка и професорка Лидија Георгиева, а музиката е на Надежда Рубин, Ивица Димитријевиќ и Јаниќијевиќ.
Дизајнот на плакатот е на Зоран Кардула.