„ЏИНЏУЏЕ“ НА ЛАФАЗАНОВСКИ ПОБЕДИ НА ПРВИОТ КОНКУРС ЗА НАЈДОБАР РОМАН ЗА ДЕЦА И МЛАДИ „ОЛИВЕРА НИКОЛОВА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ракописот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски е победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“. На изборот за наградата, која ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Николова, која почина во 2024, пристигнале 38 ракописи од 37 автори. Во најтесен избор за наградата беше романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

Жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка) констатирала големо задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи, а особено од шареноликоста на авторите, темите и раскажувачките пристапи и техники.

„Спектарот на темите беше навистина богат, а беа засегнати и најгорливите теми на нашето време: булингот, осаменоста и (не)инклузивноста на децата со специфичен развој и од ранливите категории. Поради квалитативното издвојување на два ракописа од самиот почеток на жирирањето, ‘Џинџуџе’ и ‘Сам во рој’, жирито одлучи токму тие да се најдат во финалето: едниот како победник, другиот како најтесен избор со топла препорака до издавачот и за негово објавување. Романот ’Џинџуџе‘ е модерна бајка за потрагата по среќа, ситуирана во наше време и на наш простор. ’Џинџуџе‘ е и оригинален омаж на Оливера Николова, која пишуваше и за деца и за возрасни“, велат од „Арс Ламина“.

Наградата „Оливера Николова“ е востановена на 11 март 2025, на денот на нејзиното раѓање.

„Арс Ламина“ го распишува и вториот конкурс за наградата, кој ќе трае од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026. Можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 32 до 80 страници.