СКОПСКА ПРЕМИЕРА НА ЕВРОПСКАТА КОПРОДУКЦИЈА НА МАЏЕЛИ, „ПЛАНИНСКИТЕ ЏИНОВИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Планинските џинови“ од Луиџи Пирандело, во режија на реномираниот италијански режисер Паоло Маџели, ќе се изведе вечерва (20 часот) во Македонскиот народен театар.

Претставата е дел од регионалниот проект „(Ре)Откривање на Европа“, кофинансиран од програмата на ЕУ, Креативна Европа, и е копродукција на пет театри од Хрватска, Италија, Србија и Романија, а од Македонија учествуваат актерите Џевдет Јашари и Фисник Зеќири од Албанскиот театар.

Премиерата на „Планинските џинови“ беше на 2 март во Риека, по што следеа изведбите во Трст, Темишвар и во Суботица. Вечерва е скопската премиера, а закажани се и репризи на 27 и 28 април.

Претставата се изведува на италијански, словенечки, албански, унгарски и на германски јазик, а во Скопје ќе биде обезбеден титл на албански и на македонски.

„Планинските џинови“ е последното дело на Луиџи Пирандело, добитник на Нобелова награда за литература.