Хитовите на најголемите британски ѕвезди, како Дејвид Боуви, Џорџ Мајкл, Роби Вилијамс, Адел, „Клеш“, и „Спешлс“ ги опуштија политичарите, амбасадорите и уметниците, кои беа гости на приемот, организиран од Амбасадата на Велика Британија во Скопје, по повод 92. роденден на кралицата Елизабета Втора.
Поздравувајќи ги гостите на македонски, албански и на англиски јазик, амбасадорот Чарлс Гарет наздрави за роденденот на кралицата, а меѓу значајните датуми и поводи за прослава на британската монархија годинава ги спомна и новото кралско бебе, кое се роди во понеделникот, како и кралската свадба следниот месец.
По интонирањето на македонската и на британската химна од Воениот оркестар на АРМ, дружењето продолжи со диџеј сетот на Гоце САФ и со традиционални британски закуски, коктели и чоколатца.