„Ако музиката е една голема галаксија, Кире Костов е најголемата ѕвезда во неа“, рече музикологот Марко Коловски на промоцијата на монографијата за познатиот композитор „Летај низ солзи мој, галебе мој тажен“, која се одржа вчера (15 октомври) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.
Монографијата со 246 страници ја напишаа професорката по пијано и музичка публицистика Снежана Чадиковска-Анастасова и Марко Коловски, а ја издаде сопругата на композиторот, професорката по пијано Кармен Костова. Книгата се вика по еден од најголемите хитови на Костов, што го пее Верица Ристевска. На корицата, акорди и насловот на песната се испечатени со оригиналниот ракопис на Кире Костов.

Верица Ристевска, која го испеа евергринот „Галебе“, беше меѓу гостите на промоцијата, како и Славе Димитров со синовите Дарко и Оливер, Зорица Поп-Панкова, Ѓокица Лукаревски, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Александар Митевски, Мартин Вучиќ, д-р Миодраг Врчаковски и многу пријатели и соработници на семејството Костов.
„Мојот живот го поминав со еден композитор и надарен човек од една страна, од друга страна еден многу топол човек со широко срце. Благодарна сум што мојот сопруг не сакајќи ни нацрта една линија и знам дека сакаше неговото семејство никогаш да не биде под линијата на човештината и професионализмот. Благодарам на моите ќерки и внуки кои се секогаш до мене во еден навистина тежок и несекојдневен период, знаеле да помогнат“, рече Кармен Костова на промоцијата.
Таа дојде со ќерките Ана Костадиновска и Нина Костова-Јаневска и внуките Елена и Марта.

„Сега ќе слушнете какви маки си имаме ние текстописците со композиторите“, рече Врчаковски, кој напишал многу текстови за хитовите на Кире Костов.
Тој пушти снимка од разговорот со него во студио на почетокот на снимањето на песната „Македонија“, која ја напишале специјално за прославата на 20-годишнината на независноста на Македонија.
„Оваа песна се пушти на телевизија тогаш, на 8 септември и никогаш повеќе“, рече Врчаковски.
Снежана Анастасова-Чадиковска се присети на денот кога првпат го видела Кире Костов, на концерт на Танцовиот оркестар на МРТ. Потсети и дека Костов основал детски фестивал со песни на ромски јазик и пишувал музика за ТВ-серии и претстави.

„Во 2012 имаше избор на најдобрите 20 евергрини. Тој беше единствениот композитор чии три песни беа меѓу 20-те, а ги избираа граѓаните со гласање“, рече Чадиковска-Анастасова. Промоторот на монографијата, професорот и музички публицист Александар Трајковски, рече дека книгата е чекор напред кон македонското музичко издаваштво, зашто денес ретко се промовираат книги за домашни музичари. Водителката на промоцијата Живкица Каленикова рече дека „гледајќи го чичко Кире низ студијата на МТВ, често од него добивала татковски совети“.
Монографијата е поделена во два дела. Првиот дел е за животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници. Вториот дел е анализа на делата на Костов како трубач, композитор, педагог и диригент на џез оркестарот на Факултетот за музичка уметност.
На 11 ноември во Националната опера и балет ќе се одржи концерт во чест на Кире Костов, на кој познати македонски пејачи ќе ги испеат неговите најголеми хитови во придружба на оркестар.
М. ЏАРОВСКА