СО „МАКБЕТ“ ПРЕТСТАВЕН НА ГРОТЕСКЕН НАЧИН, ПОЧНУВА „ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛОТ“ ВО БИТОЛА, СИТЕ ПРЕТСТАВИ СЕ БЕСПЛАТНИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерата на „Макбет“ на Народниот театар од Битола, во режија на Иштван Сабо од Унгарија, вечерва (14 ноември) во 20 часот во Битолскиот театар започнува 11. „Шекспир фестивал“. Тој го помести терминот на одржување од лето во ноември со цел да се одбележат 81 година од основањето на Битолскиот театар.

„Направивме една чудна претстава. Таткото на модерниот театар Мајерхолд еднаш рекол дека вистинскиот начин да се прави театар е гротеската, бидејќи човековата природа самата по себе е гротеска“, рече Сабо.

Од 14 до 21 ноември во Битола ќе бидат одиграни осум претстави од Македонија, Полска, САД, Хрватска, Англија и Бугарија работени по дела на Шекспир. Меѓу нив има три македонски претстави: „Макбет“ на отворањето, „СамоТи(и)Ја“ на „Тим Театрос К“ од Скопје и „Ричард Трети“ на Народен театар Битола. Организаторите најавија присуство на меѓународно познати театарски имиња кои менаџираат театарски фестивали и се значајни за наша промоција во странство и за можни гостувања.

„Режисерот Филип Пар е претседател на Европската асоцијација на Шекспир фестивали, чиј дел сме и ние. И самиот има фестивал во Англија, каде што би можеле да гостуваме. Џон Блондел е уметнички директор на Шекспир Фринџ фестивалот во Верона, од каде што имаме покана за гостување идната година. Влад Драголеску има фестивал во Крајова кој се одржува на секои две години со голем буџет, Сабо има свои фестивали. Гостите од Полска и Романија доаѓаат со шлепери сценографија и работници кои ќе постават големи сцени, но имаме и доста експериментален театар и млади свежи сили“, рече Благој Мицевски, уметнички раководител на „Битола Шекспир фестивалот“.

Директорот на Народниот театар од Битола, Васко Мавровски, најави дека сите влезници за Фестивалот ќе бидат бесплатни.

„Успеавме со помош, веројатно на магија сите овие претстави да ги вклопиме во парите што ги добивме од Министерството за култура и Општина Битола. Затоа одлучивме ‘Шекспир фестивалот’ да им го подариме на битолчани и влезот за сите претстави да биде бесплатен зашто сето ова што ќе го потрошиме се народни пари. И додека сум јас менаџер на театарот, влезниците за ‘Шекспир фестивалот‘ ќе бидет бепслатни“, рече Мавровски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА