„БОЕМИ“ ГИ ОТВОРА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четириесет и шестите Мајски оперски вечери ќе се отворат вечерва (20 часот) во Македонската опера и балет (МОБ) со премиерата на операта од Пучини, „Боеми“.

Режисер на ова дело, кое во МОБ се изведува после 11 години, е Дејан Прошев, диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, а во главните улоги, како љубовниците Родолфо и Мими, ќе настапат Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова.

Прошев вели дека новата премиера го следи либретото и има четири чина со една пауза. Мајските оперски вечери годинава се посветени на Пучини, одбележувајќи 160 години од неговото раѓање.

Мајските оперски вечери траат до 31 мај, а ќе се изведат и оперите „Тоска“, „Турандот“, „Змејот од Босна“ со гостување на Босанската државна опера и „Аида“, а ќе има и гала оперски и гала балетски концерти.

Во фоајето на МОБ до крајот на Вечерите ќе бидат поставени ретроспективната изложба на фотографии и плакати со наслов „#ретрОпера“, која ја подготви Одделението за документација и историска архива при МОБ, како и изложбата на скулптури од Васе Урдин.

Од останатите настани, за утре во фоајето на МОБ, во 20 часот, е најавена промоција на најновата книга на Аки Нуредини, хуманитарец, вљубеник во оперската уметност и сопственик на ресторанот „О соле“ во Виена, собирно место на светскиот оперски џет сет.

Ќе се отворат и јубилејната изложба на фотографии „Данка Фирфова – 100 години од раѓањето“ и изложба за 70 години Балет, а ќе има и промоција на монографија на Зина Креља.