СКОРСЕЗЕ И БЛАНШЕТ РАКА ПОД РАКА ГО ОТВОРИЈА КАН (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Кан, (АФП/АП)

Најполитичкиот Кански филмски фестивал во изминатите години отвори синоќа со женски ѕвезди кои ветија дека ќе протестираат на црвениот килим против сексизмот во индустријата, забраната за двајца врвни режисери да присуствуваат на премиерите и со забраните за некои филмови.

Жирито на чело со австралиската двојна оскаровка Кејт Бланшет на свеченото отворање на 71. Кански филмски фестивал (Фото: АП)

На внимателно изрежираното свечено отворање, некои гости, сепак, ја прекршија забраната за снимање селфи, кога се обидоа да фотографираат со своите телефони.

Режисерот Мартин Скорсезе, кој има Златна палма за „Таксист“, во Кан дојде за прослава на 45-годишнината од „Злобни улици“.

Кан отвори со премиерата на „Секој знае“ на иранскиот оскаровец Асгар Фархади, во кој игра шпанската ѕвездена двојка Пенелопе Круз и Хавиер Бардем (Фото: АП)

Поканет за официјално да го отвори фестивалот, тој ја викна Кејт Бланшет, претседателка на годинашното жири, да му се придружи на сцената.

Додека Холивуд сѐ уште заздравува од скандалот со Харви Вајнстин, а во Кан врие поради недостигот од женски режисери, членовите на жирито Бланшет, Ејва ДуВернеј и Кристин Стјуарт изјавија дека в сабота ќе се приклучат на специјалниот црвен килим со други актерки и режисерки, за поддршка на движењата #МеТоо и „Времето истече“. Австралиската двојна оскаровка не го криеше своето незадоволство дека само три од 21 режисер во трката за Златна палма се жени.

Во жирито се и Леа Сејду, пејачката и композиторка Каџа Нин од Бурунди, кинескиот актер Чанг Чен, канадскиот режисер Денис Вилнев, францускиот писател Роберт Гудигијан и големиот руски режисер Андреј Звјагинцев.

Манекенката Роми Стријд (Фото: АП)

Во текот на следните две недели, за Палма ќе се натпреваруваат 21 филм, меѓу кои се и новите филмови на Спајк Ли, Жан-Лик Годар, Џафар Панахи, Павел Павликовски и Кирил Серебреников.

Од фестивалот ќе отсуствуваат двајца режисери кои се во домашен притвор во нивните земји. Фестивалот побара да бидат направени отстапки за рускиот театарски и филмски режисер Кирил Серебреников и за Иранецот Панахи, за да можат да присуствуваат на премиерите на нивните филмови, но тоа е малку веројатно.

Манекената Џорџија Меј Џегер, ќерката на Мик Џегер и Џери Хол (Фото: АП)

Бланшет рече дека нивните филмови ќе бидат судени според уметничките заслуги, а не според нивното политичко минато.

„Ова не е Нобелова награда за мир, ова е Златна палма“, рече таа.

Седумдесет и првото издание на гламурозниот спој на филм и ѕвезди на француската ривиера отвори со премиерата на „Секој знае“ на иранскиот оскаровец Асгар Фархади, филм целосно снимен на шпански јазик, во кој игра шпанската ѕвездена двојка Пенелопе Круз и Хавиер Бардем.