Националниот џез оркестар на 29 април ќе настапи на десетгодишниот јубилеј на фестивалот „Денес е сѐ во знакот на џезот“ во Скопје.
Првиот фестивалски ден е посветен на децата и ќе се одржи во паркот „Фредерик Шопен“ во Кисела Вода од 12 часот. Настанот насловен „Џез за децата“ е едукативна и интерактивна работилница преку која учениците од локалните основни училишта и сите други заинтересирани деца ќе имаат можност да се запознаат со џез музиката.
„Општина Кисела Вода, како домаќин и соработник, со гордост го поддржува овој настан кој го става фокусот на културната наобразба на новите генерации, вклучувајќи го Скопје во глобалната мрежа од над 190 земји кои го слават овој музички правец“, велат од Општината.
Работилницата е од отворен карактер и влезот е слободен.