Црногорскиот кантавтор Сергеј Ќетковиќ ќе одржи концерт во Охрид на 9 август во Антички театар, објави продукцијата „Евентум“.
Минатата година, тој одржа концерт на истата сцена во придружба на Битолски оркестар „Дива“. Како гостин настапи Ѓоко Танески, и во дует со Сергеј Ќетковиќ ја испеа „Лихнида кајче веслаше“.
Концертот во Охрид е дел од актуелната турнеја на црногорскиот пејач низ регионот на отворени сцени.
„Дефиниција за хит не постои. Јас и не знам да оценам што е хит, а што не е. Го пишувам она што ми се допаѓа и мислам дека тоа е единствената формула за опстанок и за некаква долготрајна кариера. Јас од првиот ден гледам да го дадам својот максимум“, рече Ќетковиќ пред ланскиот концерт во Охрид.
Влезниците се во продажба преку мрежата на e-ticket.mk.
Фото: К.Попов