МАКЕДОН ДИМИТРОВСКИ ОСВОИ ДВА ЗЛАТНИ МЕДАЛА НА МАТЕМАТИЧКА ОЛИМПИЈАДА ВО ГЕРМАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македон Димитровски (11) освои два златни медала на Математичката олимпијада во Франфурт, Германија. Во силна меѓународна конкуренција, младиот матeматички гениј доби злато во индивидуална конкуренција по математика и уште еден златен медал во категоријата математички предизвик.

​Покрај медалите, Македон ја доби и титулата Лауреат, која ја добиваат само најдобрите математичари.

​„Натпреварот не беше претежок и беше многу интересен, но имаше силна конкуренција. Јас сум многу среќен што добив златен медал. Ама не само златен медал, туку и Лауреат. Се радувам што учествувам на вакви натпревари зашто има убаво дружење. Нема еден против друг, нема омраза, беше само дружење и решавање математика. За овие натпревари треба многу труд и работа. Ми требаа неколку недели да се подготвам за овој натпревар, затоа што не се постигнува само со талентот, туку и со трудот“, вели 11-годишниот основец.

Фото: Фејсбук

„Имаше учесници од цел свет и тоа беше една голема дружба на континенти, на раси, на луѓе од сите страни. Така што, и ова беше едно големо искуство за сите нас“, рече Владимир Димитроовски, таткото на Македон.

​Димитровски вели дека за натпреварите не добиваат поддршка од државата, туку од приватни фирми.

Семејството Димитровски е од Тетово. До 2022, Македон учеше во основното училиште „Лирија“ и живееше во Тетово. Во 2023 доби стипендија и продолжи во приватното училиште „Нова“ во Скопје. Татко му вели дека брзо се вклопил во новата средина.

На натпреварот имаше младинци од целиот свет (Фото: Фејсбук)

Македон е познат по тоа што веднаш може да пресмета задача со множење со големи броеви и вели дека има свој начин како го прави тоа. Програмата која ја учел во Тетово му е одамна позната, но на часовите ретко кревал рака, сакајќи да им даде шанса на другарите од одделението да научат. Неговиот сон е да се запише на Универзитетот Харвард во САД, а приемниот испит ќе го полага кога ќе наполни 12 години.

М. ЏАРОВСКА