Денеска (13 мај) во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се одржи книжевно-музичкиот перформанс „Портрети“ по повод објавувањето на истоимената нова книга од Александар Прокопиев, во издание на „Прозарт медиа“. Ќе настапат Александар Прокопиев (пијано и глас) и Бобан Здравковски Андреевски (гитара и бас).
„Во најновата книга Прокопиев спојува две свои пасии – пишување и пријателство. Собирајќи парченца сеќавања расфрлени по животниот пат, со особено внимание кон детаљот, Прокопиев составува прозни целини распоредени во четири групи портрети: Семејни, Од животот, Белградски студентски и Меѓу сонот и јавето. Приказните во оваа автобиографија на пријателството настануваат преку сликите извлечени со внатрешната камера на сеќавањето, па можеби токму затоа овие ‘Портрети’ на најдобар начин ја посочуваат ролјата што ја има љубовта во поврзувањето на луѓето преку заемна наклонетост“, пишува Дарин Ангеловски за книгата.