Четириесет и седмото издание на Фестивалот Скопско лето завршува вечерва (30 јули) со концертот насловен „Звук што расте“ – 40 години Камерен оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“. Концертот ќе се одржи во Сули ан во 20:30 часот.
„Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, концертот носи програма составена од дела на современи македонски композитори, обединувајќи различни музички естетики, авторски пристапи и современи звуковни пејзажи. Јубилејната вечер претставува омаж на домашното музичко творештво и на долгогодишната улога на оркестарот во развојот на македонската музичка сцена“, велат од Дирекцијата за култура и уметност Скопје.