ОХРИДСКО ЛЕТО ГО СЛАВИ 66. РОДЕНДЕН СО ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈА ЗА АНА ЛИПША-ТОФОВИЌ И КОНЦЕРТ НА МАЈАН ЛИХТ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Со промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ и со концерт на израелскиот контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемек Виницки, денеска (4 август) ќе биде одбележан 66. роденден на фестивалот Охридско лето.

Монографијата од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Александар Трајковски, истакнати публицисти и музички педагози, ќе биде промовирана од 19 часот во црквата „Света Софија“, каде што на 4 август 1961 оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ со својот солистички рецитал го означи почетокот на фестивалот. Изданието е посветено на 100 години од нејзиното раѓање.

Роденденскиот концерт во „Света Софија“ почнува во 21 часот. Ќе настапат Мајан Лихт, еден од најперспективните контратенори на денешнината и добитник на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел за 2025 година, и полскиот пијанист Пшемек Виницки, кој настапувал во престижни концертни сали низ Европа и соработувал со бројни симфониски оркестри.