Продолжението на филмскиот хит „Барби“ од 2023 година е доведено во прашање поради застој во преговорите меѓу „Ворнер брос.“ и главниот креативен тим.
Режисерката и косценаристка Грета Гервиг, косценаристот Ноа Баумбах, Марго Роби, која е продуцентка и главна актерка, и Рајан Гослинг веќе три години преговараат со студиото за втор филм. Според извори на „Варајети“, „Ворнер брос“, досега доставил повеќе од шест понуди, но ниту една не била прифатена.
Последната понуда, испратена кон крајот на пролетта, наводно е една од најголемите што студиото некогаш ги понудило за цел филмски тим и неговите ѕвезди. Сепак, договор сè уште нема, а агенцијата ЦАА, која ги застапува четворицата, не доставила контрапонуда.
Притисокот е уште поголем бидејќи раководителите на „Ворнер брос.“ Мајкл де Лука и Памела Абди имаат околу четири месеци да го стават новиот филм „Барби“ во активен развој. Во спротивно, правата за познатата кукла би требало да се вратат кај компанијата „Мател“.
Ако тоа се случи, „Мател“ нема да може да ја користи верзијата на „Барби“ создадена од Гервиг како основа за нов филм и практично ќе мора да почне со целосно нова приказна.
Според „Варајети“, Гервиг и Баумбах веќе имаат идеја за продолжението, но не сакаат да откриваат детали пред да потпишат нови договори.
Првиот филм „Барби“ стана глобален феномен и заработи повеќе од 1,4 милијарди долари ширум светот, со што стана филм со најголема заработка во историјата на „Ворнер брос.“
Проблемот со продолжението произлегува и од тоа што договорите за првиот филм не содржеле обврска главниот креативен тим да сними втор дел. Во времето кога биле склучени, студиото не можело да предвиди дека „Барби“ ќе стане еден од најголемите филмски хитови во последните години.