Американската поп-ѕвезда Аријана Гранде се врати на британската сцена првпат по 2019 година, со два концерта во лондонската „О2 арена“ во рамките на турнејата „Вечна сончева светлина“ (Eternal Sunshine).
Пред илјадници обожаватели, 33-годишната пејачка приреди двочасовно шоу со голема сценографија, интересни кореографии и визуелни ефекти.
На репертоарот се најдоа песни од новиот албум по кој е насловена турнејата, како и некои од нејзините најголеми хитови.
Посебно внимание привлече изведбата на „Ти благодарам, следниот“ (Thank U, Next), кога Гранде го промени стихот во кој се споменува нејзиното поранешно момче Рики Алварез. Таа испеа: „Напишав песни за Рики, за тоа не зборуваме“. Измената доаѓа во време кога се појавија информации дека Гранде и Алварез повторно се заедно, десет години по нивното раскинување.
Концертот имаше и поинтимни моменти. За време на една баладата „Хемпстед“ која зборува за начинот на кој медиумите го третираат нејзиниот приватен живот, Гранде се насмевна кон расплакан обожавател и му рече: „Ќе ме расплачеш и мене“.
Турнејата започна во Калифорнија пред два месеца, а ќе заврши во септември, по серијата од 10 концерти во Лондон. Потоа Гранде најави дека ќе се повлече од настапите во живо на подолг период, нагласувајќи дека одлуката е донесена одамна и внимателно.
Нејзиното враќање во Велика Британија доаѓа по повеќегодишна пауза, во која значаен дел од вниманието го посвети на актерството. За улогата на Глинда во филмската адаптација на мјузиклот „Злобна“ (Wicked) доби и номинација за Оскар.
Фото: К.Темкин
.