Канадската музичка ѕвезда Селин Дион го одржа својот прв целосен концерт по повеќе од шест години, настапувајќи пред околу 30.000 фанови во арената „Пленитуд“ во Нантер, западно од Париз.
Педесет и осумгодишната пејачка испеа 25 песни на концертот, кој траеше два часа и 15 минути. Настапот беше прв од серијата концерти „Селин Дион Париз 2026“, со кои таа се враќа на сцената по долгата пауза поради здравствените проблеми.
„Добро сум“, ѝ порача Дион на публиката на француски.
Во текот на вечерта неколкупати беше совладана од емоции. Се расплака уште на првата песна, а потоа кажа дека си ветила оти нема да плаче. Во публиката беше и поранешната прва дама на САД, Мишел Обама.
Дион немаше одржано целосен концерт од 8 март 2020. Во 2022 објави дека ѝ е дијагностициран синдром на вкочанетост, ретко прогресивно невролошко нарушување, кое предизвикува вкочанетост и грчеви и може да ги зафати и мускулите поврзани со пеењето. Нејзиното големо враќање пред публика се случи на отворањето на Олимписките игри во Париз во јули 2024, кога ја испеа „Hymne à l’amour“ од Едит Пјаф од Ајфеловата кула.
Париската серија е распродадена и опфаќа 16 концерти во период од пет недели. Уште десет настапи се закажани за мај 2027, со што таа треба да одржи вкупно 26 концерти.
(Фото: АП)