Сите предгрупи се повлекоа од американската турнеја на Ед Ширан откако раперот Меклмор беше отстранет поради изјави за поддршка на Палестина. Меѓу нив е и Финијас, братот на поп-ѕвездата Били Ајлиш, кој во својата изјава наведе: „Уметниците не смеат да бидат замолчувани кога го креваат гласот за угнетените“.
Ирскиот кантавтор Арон Роу и данскиот бенд „Лукас Грем“ исто така го најавија своето повлекување, како и ирскиот фолк-бенд „Беога“, кој секоја вечер настапуваше со Ширан. Ова уследи неколку часа откако Ширан изјави дека нема да се впушта во јавна дебата за Газа и нагласи дека тој не е одговорен за отстранувањето на Меклмор од турнејата.
„Тоа беше одлука на промоторот, а не моја“, напиша Ширан на Инстаграм.
Претходно овој месец, американскиот рапер Меклмор повика на „слободна Палестина“ и прикажа снимки од пустошот во Газа за време на два концерта во Њу Џерси. Тоа беше критикувано од еврејски групи, по што некои концертни сали извршија притисок врз промоторите на турнејата да го отстранат од неа.
Иако Ширан изјави дека е згрозен од конфликтот помеѓу Израел и Палестина, тој исто така се обиде да ја објасни својата одлука да се држи настрана од политички прашања.
„Имам свои лични ставови за овој разорен конфликт. Тоа што избирам да не зборувам јавно, не значи дека ги немам, ниту, пак, значи дека не ми е грижа. Исто така, тоа не значи дека не поддржувам одредени каузи на свој, личен начин. Постои причина зошто не ја користам мојата професионална платформа за политика – мојата публика вклучува млади луѓе, честопати и деца, од најразлични средини. Оние што доаѓаат на моите настапи не очекуваат политички форум“, кажа Ширан.
Контроверзите почнаа на 4 септември, кога Меклмор настапи на концертот на Ширан на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси.
„Голем дел од причината поради која сакав да ја направам оваа турнеја е за да можам да застанам на стадиони како овој и да изговорам два збора што ми се многу, многу блиски до срцето: ‘Слободна Палестина‘“, ѝ кажа Меклмор на публиката.
Меклмор во понеделникот објави дека е отстранет од списокот на изведувачи и наведе дека бојкотот бил организиран од Роберт Крафт, милијардерот и сопственик на стадионот „Џилет“ во Масачусетс.
(Фото: Гети)