По повод 19 години од смртта на Тоше Проески, денеска (16 октомври) од 16 часот, на улицата „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи музичкиот настан „Тоше, те сакаме сите“, во организација на ООУ „Лазо Ангеловски“, наставниците и родителите.
Под мотото „Добрината не престанува-таа расте“, настанот ќе започне со заедничка прошетка на учениците од училишниот двор, по што ќе биде отворено ново паркче во чест на Тоше, во кое се засадени девет генерациски дрвја.
Централната програма ќе се одржи кај фонтаната со ликот на Тоше на Детската улица, каде што училишниот хор ќе ја испее неговата песна „За овој свет“.
Во музичката програма ќе настапат „Некст тајм“, Ламбе Алабакоски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волческа, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, „Д Кру“, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска, како и хорот, оркестарот и младите музички таленти од училиштето.
Настанот е поддржан од Општина Аеродром и ЈУ „Универзална сала“-Скопје.