Оперските пејачи Ана и Игор Дурловски на 6 декември ќе одржат заеднички концерт насловен „Завет“ во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Концертот, кој го организира „Пасворд продукција“, беше најавен на прес-конференција во Скопје како нивна најголема заедничка концертна продукција досега во Македонија.
Дурловски ќе настапат во придружба на симфонискиот оркестар „Ајга“, хор и специјални гости, под диригентство на Ана Спасовска. Програмата ќе опфати класична и оперска музика, филмски теми, современи светски хитови и македонски традиционални песни. Ќе бидат изведени дела од Карл Орф, Георг Фридрих Хендл, Џакомо Пучини, Жак Офенбах, Еитор Вила-Лобос и Енио Мориконе, како и песни од „Рејдиохед“ и Сија.
„Публиката ќе има можност да слушне познати композиции, дел од нив во нови оркестарски аранжмани и интерпретации, подготвени во соработка со композиторот и аранжер Сони Петровски“, кажа Ана Дурловски.
Завршниот дел од концертот ќе биде посветен на македонската музика, со песните „Дејгиди, луди млади години“, „Излегу да се рашета“, „Стојне, бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“ во симфониски аранжмани.
Концертот се одржува под мотото „Од светот до изворот“, а замислен е како спој на различни музички жанрови и македонското музичко наследство.