Шестото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ заврши синоќа во Даут-пашин амам, на свеченоста на којашто секој од авторите гости прочита извадоци од свое дело.
Годинашни гости беа Лејла Каламујиќ од БиХ, Ајфер Тунч од Турција, Фросина Пармаковска од Македонија, Роберт Перишиќ од Хрватска и Јуриј Хулодин од Словенија.
Добитникот на наградата „Прозарт“, легендарниот српски писател Светислав Басара, од здравствени причини го откажа доаѓањето во Скопје, но во пораката која беше прочитана синоќа, тој кажа:
„Многу ми е жал што не сум во можност овие редови, кои најверојатно ќе беа поинакви ако бев на самото место, да ги прочитам лично, но низа околности во последен час ме спречија да дојдам во Скопје, на што се радував помалку поради наградата, а многу повеќе поради средбите со моите тукашни пријатели и колеги по перо“.
Наградата ќе му биде врачена во Белград, веднаш по заздравувањето.
Кус осврт за неговиот опус даде уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев. Модераторката Ана Јовковска прочита извадок од култниот роман на Басара, „Фама за велосипедистите“.
„Тоа што го издвојува Басара од сите претходни добитници на ‘Прозарт’ е што тој е најплоден. На свои 27 години, кога излезе ‘Фама за велосипедистите’, Басара веќе имаше два романа. Тој роман е сложено диво дело. Тоа не беше само дело на новиот бран, туку нешто многу индивидуално, што во српската богата книжевност го немаше. Басара е нескротлив автор и му посакуваме таков и да остане“, рече Прокопиев.