СОПРУГИТЕ НА СТРАНСКИТЕ АМБАСАДОРИ СО ХУМАНИТАРЕН КОНЦЕРТ ЗА ДЕЦА СО ОШТЕТЕН СЛУХ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сопругите на амбасадорите на Унгарија, Јапонија, Србија и на Шведска во Македонија организираат хуманитарен концерт „Слушни ме со срце“, кој ќе се одржи денеска во 18.30 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија. Настанот се организира во соработка со „Добредојде – Маседонија велком центар“.

Ќе настапат: оперската пејачка Биљана Стафансон, која е сопруга на шведскиот амбасадор, нејзината сестра близначкa Лилјана Миловановиќ-Јовановиќ (Србија), Зузана Ѓурина – сопруга на унгарскиот амбасадор (флејта), Јури Нарита – сопруга на заменикот амбасадор на Јапонија и македонската пијанистка Елена Атанасовска-Ивановска.

На програмата се дела од повеќе композитори, како Трајко Прокопиев, Благој Цанев и Сергеј Рахмањинов.

Концертот се организира на Меѓународниот ден за заштита на правата на детето, билетот чини 600 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ во Битола.

Центарот „Добредојде“ утре организира и добротворен базар во соработка со странските амбасади, бизнис заедницата и со Град Скопје, кој ќе се одржи во 11 часот во Градски трговски центар во Скопје.