Тим индонезиски дизајнери на чело со Фарис Раџак предлага повторно смрзнување на морската вода на Арктик со што би се создале минијатурни санти, како обид за справување со климатските промени.

Тие го освоија второто место на меѓународен натпревар за нивниот геоинженерски предлог, кој се состои од замрзнување на делови од морската вода во шестаголни плочи кои потоа заедно ќе формираат нов мраз.

„Главната цел на оваа идеја е да се реставрира поларниот екосистем, кој има директно влијание на рамнотежата на глобалната клима. Со ова сценарио порачуваме дека е подобро да се спречи отколку да се лекува“, вели Раџак.

Илустрација на предлогот на дизајнерите од Индонезија (Фото: Дезин)

Тие смислија објекти во форма на брод, кои по принцип на подморница ќе потонат во водата за да го наполнат шестаголниот резервоар. Потоа со помош на турбини ќе биде забрзан процесот на замрзнување. Откако водата ќе замрзне, садот повторно ќе се отвори и зад себе ќе остави мала санта со волумен од 2.027 кубни метри. Овие минијатурни ледени плочи потоа ќе се групираат во саќе шема за да формираат поголем мраз.

Концептот е проактивен одговор на прашањата поврзани со топењето на поларниот мраз. Дизајнерите сметаат дека акцентот премногу се става на заштита на градовите од зголемувањето на нивото на морињата, место да се справиме со проблемот уште на неговиот извор.