ДЕЦАТА ОД ПОСИРОМАШНИТЕ СЕМЕЈСТВА ТРОШАТ ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ ПРЕД ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕДИ

Лос Анџелес, (АП)

Децата од семејства со помали приходи поминуваат повеќе време пред телевизор и повеќе користат електронски уреди од децата од побогатите семејства, тврди истражување спроведено од непрофитната група „Комон сенс медија“.

Анализирајќи ги навиките на 1.400 деца на возраст до осум години, тие заклучиле дека помалку богати деца седат околу три и пол часа дневно пред телевизор или користат разни уреди, како смартфон, таблет, лаптоп и видеоигри. Од друга страна, децата од побогатите семејства поминуваат помалку од два часа на вакви активности.

Децата на подобро едуцираните родители трошат помалку време пред медиуми, во просек еден час и 37 минути дневно, споредено со децата на оние кои се помалку едуцирани – околу два часа и 50 минути.

Сепак, мнозинството родители кажале дека користењето на дигитални медиуми им помага на децата во учењето и им ја развива креативноста.

Времето кое најмладите го трошат на читање или да им се чита е стабилно, по 30 минути дневно. Но, на помалку од половина од децата под две години родителите им читаат секој ден, што е спротивно на препораките од Американската педијатриска академија, која вели дека на децата треба да им се чита уште додека се бебиња, за да им се развијат јазични и литературни вештини.

Други факти од истражувањето:

  • Децата до осумгодишна возраст во просек минуваат два часа и 19 минути пред екран, речиси исто како во претходните истражувања. На телевизија се троши најмногу време, околу 58 минути, а расте времето потрошено на мобилен, од пет минути дневно во 2011 година на 48 минути во 2017.
  • Дигиталниот јаз се намалува, но, сепак, постои помеѓу побогатите и посиромашните семејства. Домашни компјутери и пристапот до интернет имаат 72, односно 75% од посиромашните семејства, споредено со 97, односно 96% од побогатите семејства.
  • Изненадувачки пресврт е тоа што децата избираат да читаат книги во хартиена форма, за разлика од дигиталните книги. Само три од 29 минути децата трошат секој ден за да читаат на електронски уреди.