„ЕПЛ“ ПРВ ВО СВЕТОТ ДОСТИГНА ВРЕДНОСТ ОД ЕДЕН ТРИЛИОН ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Епл“ стана првата јавна компанија на светот чија вредност достигна еден трилион долари (1.000.000.000.000).

Пазарната вредност на производителот на ајфон стигна до оваа бројка вчера, кога на затворањето на берзата во Њујорк неговите акции скокнаа на рекордни 207,39 долари. Ова му овозможи на „Епл“ да ги победи своите ривали од Силициумската Долина, како „Амазон“ и „Мајкрософт“.

Откако излезе првиот ајфон во 2007 година, вредноста на акциите на „Епл“ порасна за 1.100%, при што само лани скокна за речиси третина.

Од регистрирањето на компанијата во 1980 година, растот изнесува неверојатни 50.000%.

Стив Џобс ја почнал фирмата во гаража во 1976 година и во прв период беше најпозната по компјутерите Мек, пред смартфоните да го подготват теренот за светот на апликации.

Џобс почина од рак во 2011 година, кога успешно беше наследен од извршниот директор Тим Кук. Минатата година, компанијата остварила продажба во вредност од 229 милијарди долари, остварувајќи профит од речиси 50 милијарди.