Фејсбук ќе ја понуди првата услуга за спојување, изјави главниот извршен директор Марк Закерберг, со што го најави влезот на најголемата социјална мрежа на растечкиот пазар, што предизвика да паднат акциите на веќе етаблираните сајтови за спојување.

Акциите на „Меч груп“, сопственикот на популарната апликација за спојување Тиндер, паднаа за над 18 отсто, а на ИАЦ, која е матична куќа на „Меч груп“, за 14 отсто.

„На Фејсбук има 200 милиони луѓе кои се чекирале дека се самци и јасно е дека тука може нешто да се направи“, кажа Закерберг.

Услугата за спојување може да го зголеми времето што луѓето го минуваат на Фејсбук и може да биде голем проблем за конкурентите.

Прототипот на услугата прикажан на екраните на конференцијата Ф8 покажа срце во горниот десен агол на апликацијата за Фејсбук. Со кликање на него луѓето ќе влезат во нивниот профил за спојување, доколку направиле таков.

Прототипот е направен околу настани кои се лични и луѓето ќе можат да разгледуваат и други учесници на апликацијата и да им испраќаат пораки.

„Апликацијата ќе има карактеристики луѓето да најдат долгорочни врски, а не само кратки. Ќе биде оперативна и наскоро ќе ја лансираме“, кажа Закерберг, без да даде прецизен датум.

Крис Кокс, главниот продуцент на Фејсбук, кажа дека компанијата ќе сподели повеќе информации во наредните месеци.

„Услугата за спојување ќе биде направена така што ќе биде приоритетна приватноста и пријателите нема да можат да го гледаат профилот за запознавање на личноста“, кажа Закерберг.

Загриженоста за тоа како Фејсбук се справува со приватноста порасна откако социјалната мрежа во март призна дека податоците од милиони корисници биле злоупотребени од консултантската компанија „Кембриџ аналитика“

„Луѓето ќе можат да почнат разговор со потенцијалниот партнер преку коментирање на една од неговите фотографии, но поради безбедносни причини, разговорот ќе биде само преку пораки“, кажа Кокс.