„Фејсбук“ планира да ангажира 10.000 луѓе во Европската Унија за да развие таканаречен метаверзум. Станува збор за онлајн свет во кој што луѓето можат да работат, комуницираат и играат игри во виртуелно окружување, користејќи уреди за виртуелна реалност.
„Метаверзум има потенцијал да помогне да се обезбеди пристап до нови креативни, социјални и економски можности. И Европејците ќе го обликуваат од самиот почеток. Новите работни места што ќе се креираат во наредните пет години вклучуваат високостручни инженери“, соопшти компанијата.
Инвестирањето во ЕУ има многу предности, како пристапот до огромен потрошувачки пазар, првокласни универзитети и таленти од висок квалитет, додаде „Фејсбук“.
Иако зад себе има историја на откупување на ривалски компании, „Фејсбук“ тврди дека метаверзумот нема да се изгради преку ноќ од една компанија и вети дека ќе соработува со други. Се верува дека за целосната реализација на оваа идеја ќе бидат потребни 10-15 години.