Фејсбук е во процес на тестирање на опцијата за препознавање на лицето како начин на утврдување на идентитетот за да може некој да се логира во својот профил. Социјалната мрежа вели дека оваа опција не е задолжителна и дека ќе биде достапна само на тие уреди кои корисниците веќе ги употребиле за логирање во своите профили.
„Ова е уште еден чекор, покрај двојната автентификација, со кој што се обидуваме да им овозможиме на корисниците безбедност преку потврдување на својот идентитет“, изјави Фејсбук.
Во април минатата година, Фејбук најави дека работи на нова одлика со која што автоматски ги означува сопствените видеа и видеата на пријателите со цел да се постигне што побрзо и полесно пребарување на објавите. Истото го прави и со сликите. Технологијата на Фејсбук, наречена „Дипфејс“, може да покаже со 97% точност дали на две слики се работи за истиот лик.
Општо земено, опцијата на препознавање на лицето покажала дека може лесно да се изманипулира. На пример, скенерот за лице на Самсунг галакси С8 може да се измами со само една слика. Меѓу неколкуте опции за препознавање на идентитетот, Фејсбук има развиено вештачка интелигенција за да ги препознае луѓето преку косата, обликот и држењето на телото.