ФРАНЦИЈА ЗАБРАНИ СМАРТФОНИ И ТАБЛЕТИ ВО УЧИЛИШТАТА

Париз, (Гардијан)

Францускиот парламент со речиси едногласна одлука (62-1) ја забрани употребата на смартфони и на лични таблети во училиштата.

Франција ги воведе првите рестрикции на ова поле уште во 2010 година, но сега целосно им забрани на децата од три до 15 години да ги носат своите уреди на училиште. Што се однесува до постарите од 15 години, секоја образовна институција сама ќе реши дали ќе им дозволи да ги имаат со себе.

Ова е дел од кампањата, што претходно ја поддржа и претседателот Емануел Макрон, која има за цел да ги направи учениците помалку зависни од електронските уреди. Експертите велат дека нивна зголемена употреба води кон зависност од интернет, нарушување на сон и агресивност.

Францускиот весник „Л‘Монд“ објави дека употребата на електронските уреди ќе биде дозволена само за образовни цели и за учениците со попреченост.

„Употребата на личните електронски уреди е јавна здравствена криза. Овој закон ги штити децата и тинејџерите од феноменот на зависност од екран“, изјави францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланкер.