Јутјуб стана последниот дигитален медиум кој го суспендираше Доналд Трамп. Сервисот во сопственост на „Гугл“ забрани на седум дена да се објавуваат видеа и стриминзи на неговиот канал, што би можело да биде и продолжено.

Компанијата соопшти дека каналот ги прекршил нејзините правила со повикувањето на побуна, поврзано со упадот во американскиот Конгрес пред седум дена. Трамп објави неколку видеа вчеравечер, но „Гугл“ не појасни поради кои снимки добил блокада.

Откако ги охрабри своите приврзаници да тргнат на Капитол, по што починаа пет лица, Твитер трајно го блокираше актуелниот претседател на САД, Фејсбук и Инстаграм му изрекоа суспензија најмалку до 20 јануари, кога Џо Бајден ќе ја преземе власта, а Твич и Снепчет исто така му ги заклучија профилите. Спотифај, Пинтерест, ТикТок и Редит кажаа дека ќе ги ограничат содржините поврзани со Трамп.