„Нетфликс“ забележа драматичен пораст на бројот на нови претплатници во пандемијата на коронавирусот, но очекува ова да забави во наредниот период.
Стриминг гигантот додал повеќе од десет милиони нови претплатници во изминатите три месеци, со што вкупната бројка за оваа година порасна на 26 милиони. За споредба, „Нетфликс“ во целата 2019 година добил 28 милиони нови претплатници.
„Порастот сега забавува затоа што корисниците излегуваат од почетниот шок од коронавирусот и социјалните ограничувања. Сепак, пандемијата покажа дека ‘Нетфликс‘ е неопходен дел од животот на корисниците“, соопшти компанијата.
Приходите на „Нетфликс“ се зголемиле за речиси 25%, на 6,1 милијарда долари, а профитот по квартал пораснал на 720 милиони долари, додека лани тоа изнесувало 271 милион.