РОБОТ СОЗДАВА УМЕТНИЧКИ ДЕЛА ВО КИНЕСКА ВЕШТИНА, СЕ ПРОДАВААТ ЗА 10.000 ФУНТИ

Хонг Конг, (Ројтерс)

Уметник од Хонг Конг направи робот кој со вештачка интелигенција создава уметнички дела. На Виктор Вонг му биле потребни три години да го изгради и програмира роботот наречен А. И. Џемини и да го обучи на уметнички вештини.

Случајноста е впишана во неговиот алгоритам, што значи дека Вонг не знае што ќе слика роботот, сѐ додека не почне процесот.

Проектот е насловен „Далечната страна на Месечината“. Во роботот се вградени 3-Д слики од Месечината, како и слика од кинеската сонда „Чанг’е 4“, која во јануари прва се спушти на темната страна на Месечината.

На роботот во просек му се потребни 50 часа за да наслика пејсажи на традиционална свежа хартија ксуан, направена од слама од ориз. Овие дела во Лондон се продаваат за околу 10.000 фунти.

„Среќен сум како луѓето реагираат на сликите. Мислам дека ова може да се нарече уметност“, вели Вонг.