Најголемиот саем за електронски уреди на светот, популарниот ЦЕС, моментално е во тек во Лас Вегас и изложените производи се простираат на површина од 250.000 квадратни метри. Оваа конвенција привлекува илјадници компании, кои тука ги промовираат своите уреди на иднината. Некои се вистински иновации, а некои никогаш нема да дојдат во продавници.

РОБОТИ

Роботот „бот ер“ на „Самсунг“ за прочистување на воздухот

Тие се редовни учесници на ЦЕС и најчесто најавуваат нешто што ќе биде корисно за десетина години.

„Бот ер“ на „Самсунг“ се движи наоколу и го прочистува воздухот во простории, давајќи зелено светло кога е чист. Од друга страна, „убтек вокер“ е висок 137 сантиметри и може да донесе предмети. Прототипот „бот кер“ служи за испомош на болни или постари членови на семејството, следејќи крвен притисок и работа на срцето.

ГЛАСОВНИ КОНТРОЛИ

Тоалетната школка на „Колер“ доаѓа со системот за гласовна контрола „алекса“ (Фото: Гети)

Тие влегоа секаде во нашите животи, од фрижидери до тоалетни школки. Голем број компании додаваат „гугл асистант“ или „алекса“ на свои уреди.

Така, „Колер“ ја вклучи „алекса“ во својата нова тоалетна школка „нуми“, за да се контролираат топлината на даската, светлото и програмираните амбиентални звуци. Гласовни контроли можат да се најдат и во термометри, тушеви, машини за перење, шпорети…

ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

„Интел“ е партнер на новата АИ камера за фаќање ловокрадци

Вештачка интелигенција (АИ) е голема работа на ЦЕС 2019. Компаниите за телевизори и за самовозечки возила ја додаваат во своите производи, но таа може да реши и еден многу стар проблем, кој нема врска со технологија: ловокрадци.

Новата камера „треилгард“ користи АИ за да лоцира ловокрадци во резерватите во Африка. Со помош на АИ, камерата препознава лица и ги разликува движењата што ги прават животните, луѓето и ветерот. Системот ги предупредува властите кога постои сериозна закана, за да можат да реагираат на време.

ТЕЛЕВИЗОРИ

Новиот ОЛЕД телевизор на „Ел-Џи“ се спушта и собира во долниот дел

„Ел-Џи“ е вистинска ѕвезда на конвенцијата, откако креираше ходник со закривени екрани и комерцијалната верзија на изложениот примерок доаѓа кон крајот на годината.

Оваа компанија претстави и масивен 88-инчен 8К ОЛЕД телевизор, со повеќе пиксели отколку што навистина ни требаат. Звучниот систем е вграден во телевизорот, па се добива чувство како звуците да доаѓаат директно од предметите што ги прикажува.

88-инчен 8К ОЛЕД телевизор на „Ел-Џи“

„Самсунг“, пак, ја додаде „ајТјунс“ апликацијата во своите смарт телевизори, што овозможува содржини од уредите на „Епл“ да се прикажуваат на поголем екран.

СПРАВИ ЗА ВЕЖБАЊЕ ПОВРЗАНИ СО ИНТЕРНЕТ

„ФајтКемп“ е комплетен домашен боксерски тренинг

Сѐ помодерни ленти за трчање, справи за кревање тежина и опрема за вежбање се нудат во големи количества и сето тоа поврзано со монитори и интернет.