ТРИ МИЛИОНИ РАБОТНИЦИ И 4.000 АВИОНИ И БРОДОВИ СПРЕМНИ ГО ЧЕКААТ ДЕНОТ НА САМЦИТЕ, НАЈГОЛЕМИОТ ШОПИНГ НАСТАН НА СВЕТОТ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Три милиони работници и 4.000 товарни бродови и авиони се подготвени за утрешниот Ден на самците во Кина, најголемата шопинг треска на светот.

На овој 24-часовен онлајн настан лани биле купени и испратени 1,9 милијарди производи, но се очекува годинава да биде урнат овој рекорд, откако пандемијата на коронавирусот ги зголеми продажбите преку интернет.

Оваа година, и луксузните брендови се надеваат на зголемена заработка бидејќи милиони Кинези не се во можност да патуваат во странство за да пазаруваат, па ќе се свртат кон она што експертите го нарекуваат „одмазднички шопинг“ преку интернет.

Кинескиот гигант за онлајн продажба „Алибаба“ го измисли Денот на самците како спротивност на Денот на вљубените и, во меѓувреме, тој стана поголем шопинг настан од Црн петок и Сајбер понеделник заедно. Првпат се одржа во 2009 година со учество на само 27 трговци, додека лани можеа да се купат производи на повеќе од 200.000 брендови, што сега ќе порасне на повеќе од 350.000. Во понуда ќе се најдат и 800.000 куќи и имоти на попуст и над 200.000 автомобили.

Минатата година биле остварени продажби во вкупна вредност од 210 милијарди јуани (31 милијарда долари), а првата милијарда била достигната за нешто повеќе од една минута.