ДЛАБОКО СИНО – ФОТОГРАФКА ДОЖИВЕА БЛИСКА СРЕДБА СО АЈКУЛА ОД 2,5 ТОНИ И ШЕСТ МЕТРИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Фотографката Кимберли Џефрис сподели неверојатни фотографии од својата блиска средба со ајкула наречена Длабоко Сино, која се смета за најголема досега забележана.

Џефрис пловела со брод покрај брегот на Оаху, Хаваи, со надеж дека ќе фотографира ајкули како се хранат со леш, но место тоа, доживеала искуство што не можела ни да го сонува.

(Фото: Ројтерс)

„Видовме група тигрести ајкули како се доближуваат кон бродот и тоа беше совршено, затоа што и дојдовме за тоа. Кога влегов во водата за да сликам, се изненадив кога видов дека нема ниту една ајкула. Триесет секунди подоцна, видовме огромна ајкула како изронува од длабочините, бавно и грациозно“, вели Џефрис.

(Фото: Ројтерс)

Се верува дека тоа била ајкулата што ја викаат Длабоко Сино, стара околу 50 години, тешка 2,5 тони и долга речиси шест метри.

„Тоа не го очекувавме, па затоа сите во тимот беа воодушевени. Големината на ајкулата беше неверојатна. Мислев дека срцето ќе ми експлодира. По некое време, се прибравме и почнавме да работиме“, раскажува Џефрис.

Иако досега многупати сликала ајкули, Длабоко Сино е нешто сосема поразлично.

„Таа е магична и многу посебна, беше огромна и цела заоблена. Тоа беше неверојатно смирувачко искуство. Иако таа е врвен предатор, не се чувствувавме загрозено, бидејќи имаше доволно храна наоколу“.

Длабоко Сино за последен пат била забележана во 2013 година во Мексико.