„Сестри“, дебитантскиот филм на младата македонска режисерка Дина Дума, од денеска може да се гледа на „Нетфликс“. Ова е првиот македонски филм во програмата на најголемиот стриминг сервис на светот.
Филмот веќе една недела се прикажува и во скопското кино Милениум.
„Сестри“, кој на „Нетфликс“ оди под името „Sisterhood“, имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари во август, каде што освои Специјална награда на жирито, а македонската премиера беше на „Браќа Манаки“ во Битола. Потоа беше македонскиот кандидат за оскар за најдобар странски филм.
„Сестри“, кој не се препорачува за лица под 16 години, е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Во главните улоги се Антонија Белазелкоска, Миа Жиро и Марија Јанчевска.
Дума е авторка на сценариото заедно со Мартин Иванов, а продуцентка е Марија Димитрова.