Уникатна зграда во Санкт Петербург која се извртува за речиси 90 степени е прогласена за облакодер на годината.
Висока 462 метри, „Лахта центар“ ја освои престижната награда „Емпорис“, победувајќи повеќе од 700 конкуренти. На второто место заврши „Лиза СОХО“ во Пекинг, дело на студиото „Заха Хадид“, а треторангиран облакодер е „35 Хадсон јардс“ во Њујорк.
„Лахта центар“ е највисоката зграда во Русија и Европа, односно 14-та највисока на светот. Кога во целост ќе се отвори следната година, таа ќе биде седиште на енергетската компанија „Газпром“.
Внатрешната структура на зградата се состои од пет крилја кои ротираат речиси 90 степени, давајќи ѝ динамичен изглед на пламен, кој е дел од логото на „Газпром“. Покрај импресивниот дизајн, „Лахта центар“ освои високи оценки и за енергетска ефикасност и екологија.
„Двослојната фасада го спречува непотребното губење на топлината, што зградата ја прави исклучително енергетски ефикасна. Исто така, благодарение на иновативните инфрацрвени радијатори, вишокот топлина се враќа назад во системот. Таа исто така е една од петте најеколошки згради на светот“, соопшти жирито.
Ова е првпат од 2013 година наградата да ја добива европска зграда.