Небесниот мост Кристал, кој поврзува четири облакодери на височина од 250 метри, е пуштен во употреба како прва фаза од комплексот Рафлс Сити во кинескиот град Чонгкинг, дело на архитектонското студио „Сафди“. Останатиот дел од комплексот треба да биде довршен до крајот на годината.
Рафлс Сити е сместен на местото каде што се спојуваат реките Јангце и Џијалинг во градската област Јуџонг.
Целиот проект се состои од осум облакодери поврзани со петкатен подиум: шест кули се високи по 250 метри, а двата повисоки облакодера имаат по 350 метри.
Протегајќи се 300 метри по четирите средишни кули, „Сафди“ го опишува Кристал како „хоризонтален облакодер“. Тој е дизајниран како цевка од челик и стакло и е поддржан со лежишта за сеизмичка изолација, имајќи предвид дека областа се наоѓа во зона на земјотреси.
Кога ќе биде завршен, комплексот ќе биде комбинација од апартмани, деловни простории и хотел, додека Кристал содржи градини, барови, ресторани и палуби за набљудување.