КИНА ГО ОТВОРА НАЈДОЛГИОТ МОСТ НА СВЕТОТ, ПО НЕГО ЌЕ СЕ ВОЗИ САМО СО ПОСЕБНА ДОЗВОЛА

Хонг Конг, (Гардијан)

Најдолгиот морски мост на светот е подготвен за отворање и тој ќе ги поврзува Хонг Конг и Макао со кинеското копно, како дел од поширок план за интегрирање на посебните административни региони во Кина.

Дваесет милијарди долари вредниот мост и официјално ќе биде отворен утре и се очекува да присуствува и кинескиот лидер Шји Џинпинг. Мостот е долг 55 километри и ќе ги поврзе Хонг Конг и Макао со 11 кинески градови, со цел да се формира високотехнолошки регион, што треба да ѝ парира на Силициската Долина во САД.

„Мостот не е само мегасообраќајна инфраструктура заеднички изградена од Гвангдонг, Хонг Конг и Макао. На овој начин ќе се засили и нивната соработка на полето на размена, финансии, логистика и туризам“, изјави министерот за транспорт на Хонг Конг, Френк Чан Фан.

Сепак, приватните возила ќе смеат да го користат мостот само ако имаат посебна дозвола, бидејќи тој не е наменет за јавен сообраќај, туку, пред сѐ, за посебни автобуски линии и товарни возила.

Тој се градеше од 2009 година, отпорен е на ветрови до 340 километри на час и содржи деветкилометарски тунел под морето.