ЊУЈОРК ИМАШЕ 216 БИБЛИОТЕКИ, НО ИЗГРАДИ НОВА ОД 40 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Гардијан)

Стратешки позиционирана на брегот на Ист Ривер наспроти седиштето на Обединети нации, Њујорк има нов блескав додаток на својата градска панорама. Сепак, овој 40 милиони долари вреден објект не е луксузен станбен или деловен комплекс, туку јавна библиотека.

Њујорк веќе имаше 216 библиотеки, но со годишна посетеност од 37,7 милиони луѓе, секогаш има потреба од нова.

„Хантерс поинт“, чија изградба почна во 2015 година, е дизајнирана така да се забележи оддалеку. Освен што ќе содржи повеќе од 50.000 книги, вклучувајќи шпанска и кинеска колекција, таа ќе има сајберцентар со компјутери, дизајнерски мебел, уметничка инсталација, детска област и „тивка соба“. Посебен спрат е наменет за тинејџери и играње видеоигри.

„Таа е ново обележје на градот. Нејзината локација е идеална како за Квинс, така и за целиот Њујорк. Таа е прекрасно место какви што и треба да бидат библиотеките денес“, вели Денис Волкот, извршен директор на јавните библиотеки на Квинс.

Во Квинс се наоѓа еден од најголемите сервиси на јавни библиотеки во САД, каде што ниту еден жител не живее подалеку од километар и пол од библиотека.